Трипуновски: Пиперките со метомил не се вратени од Хрватска

Архивска фотографија

Црвените пиперки извезени во Хрватска кај кои беше утврдено присуство на пестицидот метомил не се вратени во Македонија, а дали се македонски оставам да проверат службите – изјави денеска (16 октомври) министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

„Пратката пиперки од Хрватска не е вратена во Македонија. Извезена е од нашата држава на 9 септември, контролата што ја прави Агенцијата за бебзедност на храна од Хрватска излезе со податоци на 23 септември што е 20 дена отпосле, а тоа отвора простор - дали таа пиперка е македонска. Тоа оставам да проверат службите“, додаде министерот.

Тој појасни дека фитосанитарните служби на министерството заедно со АХВ во текот на целата година прават контроли по тип на производство, како што се откупуваат производите.

„Се прават проби за евентуално зголемено ниво на пестициди. МЗШВ има и посебни програми за мониторинг што ги следи сите земјоделски производи, да види дали се применува периодот на каренца, дали се употребуваат недозволени препарати“, изјави министерот, одговорајќи на новинарски порашања по настанот за Светскиот ден на храната.

Видете и ова: Македонски пиперки со опасен пестицид продавани во Хрватска, инспекциите на терен

Трипуновски истакна и дека извозот на земјоделски производи е зголемен.

„Според Државниот завод за статистика, првите пет месеци од 2025 година во споредба со истиот период лани бележиме раст во извозот на земјоделските производи во износ од 57 милиони евра. Ако лани извозот тежел 111 милиони евра, годинава во првите пет месеци е 167 милиони што е добар показател“, посочи Трипуновски.

Минатата недела Државниот инспекторат за земјоделство информира дека се вршат контроли и надзори кај извозникот, откупувачите и индивидуалните земјоделски производители по нотификациите од RASFF системот и официјалното известување од Хрватска за утврдено присуство на пестицидот метомил во свежа црвена пиперка увезена од Македонија.

Како што наведе Инспекторатот, станува збор за пратка од околу 15 000 килограм пипер, а извозникот не е производител, туку пиперот го купил од други правни субјекти кои вршат откуп од индивидуалните производители.