Францускиот премиер Лекорну ги преживеа и двете гласања за недоверба

Францускиот премиер Себастијан Лекорну

Владата на францускиот премиер Себастијан Лекорну го преживеа и второто гласање за недоверба, поднесено од ултрадесничарската партија Национален собир.

„За“ предлогот на Национален собир гласаа 144 членови на Националното собрание (Долниот дом на францускиот Парламент), а за пад на Владата беа потребни 289 гласа. Долниот дом на Парламентот има 577 пратеници.

Претходно, првото гласање за недоверба, поднесено од ултралевичарската партија Независна Франција, доби поддршка од 271 пратеник, а беа потребни 289 гласови.

Се очекуваше Лекорну да ги преживее двете гласања за недоверба, откако привремено ги суспендира пензиските реформи, поради што доби поддршка од социјалистите.

Видете и ова: Зошто Франција е заглавена во постојана политичка криза?

Пензиската реформа, што предвидува зголемување на возраста за пензионирање од 62 на 64 години, е одложена за неколку години.

Поддршката што ја доби Лекорну во Парламентот не значи крај на политичката криза во Франција. Тој ќе мора да се справи со националниот долг и дефицит, што ќе бара спроведување на непопуларни мерки за штедење.

Владата на Лекорну е шеста во вториот мандат на Емануел Макрон и четврта откако претседателот распиша предвремени избори минатото лето, на кои обединетата левица победи во вториот круг. Но, десницата освои речиси двојно повеќе места во Парламентот од претходно.