Трамп вели дека Индија ќе престане да купува руска нафта

Танкер за нафта плови во Арапското Море покрај брегот на Мумбаи, Индија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека индискиот премиер Нарендра Моди го уверил дека Индија ќе престане да купува руска нафта откако Соединетите Држави објавија двојно зголемување на царините за индиската стока поради купувањата.

„Значи, не бев задоволен што Индија купуваше нафта, а тој (Моди) денеска ме увери дека нема да купуваат нафта од Русија. Тоа е голем чекор. Сега ќе ја натераме Кина да го стори истото“, изјави Трамп пред новинарите на 15 октомври во Белата куќа.

Индија продолжи да купува руска нафта, помагајќи во финансирањето на воените напори на Москва во Украина, додека западните земји ги засилуваат санкциите против таквите купувања.

Доколку Индија престане да купува руска нафта, тоа би сигнализирало голем пресврт кај еден од најголемите енергетски клиенти на Москва.

Трамп воведе царина од 50 проценти на поголемиот дел од извозот од Индија кон крајот на август, двојно зголемувајќи ги царините за индиската стока и правејќи ги меѓу највисоките за кој било трговски партнер на САД.

За време на неговите коментари пред новинарите на 15 октомври, Трамп рече дека Индија не може „веднаш“ да ги запре пратките на руска нафта, нарекувајќи го тоа „малку тежок процес, но тој процес наскоро ќе заврши“. Тој додаде дека Индија би можела повторно да почне да купува руска нафта откако ќе заврши војната.

Видете и ова: ЕУ разгледува царини за увоз на руска нафта

Индија не ги потврди коментарите на Трамп, но се чини дека Моди покажува желба да ги поправи односите со Трамп на средбата на 11 октомври со американскиот амбасадор Серхио Гор, неколку часа по неговото пристигнување во Њу Делхи.

Кога новата царинска стапка беше воведена во август, Вашингтон рече дека купувањето руска нафта од страна на Индија помогнало во финансирањето на војната во Украина и рече дека Њу Делхи, исто така, профитира од неа.

Индија го отфрли обвинувањето како двоен стандард, посочувајќи ги трговските врски на САД и Европа со Русија.

Јапонија е уште една земја врз која САД извршија притисок да го прекине увозот на руска енергија.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент на 15 октомври се сретна со јапонскиот министер за финансии Кацунобу Като за да разговараат за „важни прашања што се однесуваат на економските односи меѓу САД и Јапонија и очекувањето на администрацијата Јапонија да престане да увезува руска енергија“, напиша Бесент на платформата X, по состанокот во Вашингтон.

Бесент претходно изјави дека Соединетите Држави се подготвени да воведат царини за Кина поради нејзините купувања на руска нафта, но европските сојузници на Вашингтон мора да бидат подготвени да учествуваат во таква акција.

Видете и ова: Руската забрана за извоз на енергија ја открива зависноста на Централна Азија од Москва

Трамп, кој е фрустриран што неговите напори за прекин на конфликтот во Украина досега не беа успешни, се обидува да ги искористи билатералните односи за да ја принуди Русија во економска изолација, наместо да се потпира само на мултилатерални санкции.

Но, притисокот врз Кина со додавање царини на нејзиниот извоз поради нејзините купувања на руска нафта се покажа како потежок.

Трговската војна на САД со Пекинг ги искомплицира дипломатските напори, а Трамп не сакаше да ризикува понатамошна ескалација барајќи Кина да престане да купува руска нафта.

Кремљ на 15 октомври го отфрли предупредувањето на Трамп од 14 октомври за „колапсот“ на руската економија, велејќи дека Русија има значителни резерви и е доволно силна за да му дозволи на претседателот Владимир Путин да ги постигне своите цели.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин е отворен за барање начин за завршување на војната и дека Москва му е благодарна на Трамп за неговите напори.

Западните поддржувачи на Украина велат дека руската економија е послаба отколку што изгледа и ако притисокот се зголеми, тогаш болката на обичните Руси ќе го принуди Путин да ја промени политиката.