Нови прекугранични напади меѓу Пакистан и Авганистан

Талибанските безбедносни сили носат ракетни лансери во близина на границата со Пакистан, 15 октомври 2025 година

Неколку дена по еден од најлошите судири меѓу Пакистан и Авганистан во последните години, соседните земји повторно се обвинија меѓусебно за смртоносни прекугранични напади на 15 октомври.

Во борбите по должината на границата меѓу Пакистан и Авганистан беа убиени 23 пакистански војници рано наутро в среда, додека авганистанската страна соопшти дека убила 58 од нив како одмазда за она што го нарече уште едно кршење на суверенитетот на авганистанската територија и воздушен простор.

Во конфликтот било употребено лесно и тешко оружје, објави ДПА.

„Авганистанските Талибанци прибегнаа кон кукавички напади на четири локации во областа Спин Болдак во Белуџистан“, соопшти Канцеларијата за односи со јавноста на пакистанската армија (ISPR).

Пакистанската армија објави дека авганистанските Талибанци и борците на Техрик-е-талибан Пакистан (ТТП) го напаѓаат Пакистан.

Видете и ова: Десетици мртви во судирите на пакистанско-авганистанската граница

Се известува дека најмалку 20 борци се убиени, а многу се ранети на авганистанска страна.

Војската соопшти дека ситуацијата на терен покажува дека авганистанските талибанци и ТТП „ги трупат своите сили“.

„Секој чин на агресија против Пакистан ќе биде одговорен со полна сила“, соопшти пакистанската армија.

Оттаму соопштија дека нападот во Белуџистан не бил изолиран. Сличен напад бил одбиен преку ноќ во северозападната покраина Кибер Пахтунхва, регионот Курам.

Видете и ова: Поранешните сојузници Пакистан и авганистанските Талибанци се на праг на целосен конфликт

Се верува дека најмалку 30 авганистански Талибански и борци на ТТП се убиени, а шест тенкови што им припаѓале на авганистанските сили се уништени.

ТТП е на листата на забранети терористички организации во Пакистан.

Портпаролот на Талибанците, Забихулах Муџахид, го обвини Исламабад за започнување на нападот на Спин Болдак, велејќи дека повеќе од 12 цивили биле убиени, а околу 100 биле ранети во нападот.

Лекар во Кандахар за приватната авганистанска телевизија TOLOnews изјави дека повеќето од жртвите донесени во болницата биле цивили, вклучувајќи жени и деца. Болницата наводно примила повеќе од 80 повредени и регистрирала помеѓу 10 и 15 смртни случаи.

Најновото насилство доаѓа по судирите за време на викендот по линијата Дуранд, спорната граница меѓу Авганистан и Пакистан, при што двете страни тврдат дека имаат големи жртви од другата страна.