Надлежните органи во Србија утврдија дека тројца државјани на Руската Федерација биле присутни во борбено-тактичкиот тренинг камп за граѓани на Молдавија и Романија во западна Србија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на 15 октомври.
Вучиќ ова го изјави на прес-конференција во Белград со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како одговор на прашањето на Радио Слободна Европа дали е утврдено дали руските служби стојат зад борбениот камп во близина на Лозница.
„Не можам да тврдам дека станува збор за руската служба, но утврдивме присуство на тројца руски државјани во кампот „Сунчана река“ недалеку од Лозница. Приведовме лица од српска националност кои ни беа достапни. Тие ни дадоа информации за кои лица станува збор и истрагата продолжува“, рече Вучиќ.
На 26 септември, полицијата во Србија уапси две лица кои се обвинети за организирање борбено-тактичка обука на граѓани на Молдавија и Романија, која имаше за цел предизвикување нереди во Молдавија.
Видете и ова: Во Србија уапсени осомничени за подготовка на дестабилизација на изборите во МолдавијаАпсењата се случија откако властите во Кишињев јавно предупредија за постоењето на борбени логори во Србија, велејќи дека тие биле организирани од руската тајна служба со цел дестабилизација на Молдавија за време на неодамнешните избори во земјата.
Москва ги отфрли обвинувањата, а српската полиција и обвинителството не ја споменаа Русија во своите изјави.
Видете и ова: Знаеле ли службите за рускиот паравоен камп во Србија?Полицијата во Србија објави дека обуката била спроведена од 16 јули до 12 септември во угостителски објект во близина на Лозница, на западот од Србија и дека помеѓу 150 и 170 граѓани на Молдавија и Романија поминале низ неа.
Ова не е прв пат Молдавија да предупреди за постоење на руски логори во Западен Балкан.
Пред изборите во 2024 година, Кишињев објави дека обуката била организирана во Србија и Босна и Херцеговина, предводена од луѓе поврзани со руски паравоени сили.
Белград не го потврди нивното постоење.
Молдавија ја информираше Европската Унија за новиот случај.