Учениците од Гимназијата „Свети Сава“ започнаа блокада на ова училиште во Белград, барајќи исполнување на барањата што ги поставија нивните врсници од Петтата белградска гимназија, соопштија учениците денеска (14 октомври).
Ова е второ средно училиште во Белград чии ученици во рок од два дена влегоа во блокада, откако учениците од Петтата гимназија на 13 октомври ја прекинаа наставата, барајќи смена на новоименуваната директорка.
И организацијата „Обединети родители на Србија“ ја информираше јавноста дека учениците од Гимназијата „Свети Сава“ влегле во блокада сè до исполнување на барањата поставени од учениците од Петтата белградска гимназија.
„Даваме целосна поддршка на учениците од Петтата гимназија. Блокадата ќе трае сè до исполнување на сите барања“, соопштија во вторникот Обединети родители на Србија.
Видете и ова: Студентите во блокада на протест за поддршка на Србите од Косово пред локалните избориУчениците од Петтата гимназија во понеделник започнаа физичка блокада на училиштето, барајќи в.д. директорката Данка Нешовиќ да поднесе неотповиклива оставка, директорот да се избере од редовите на професорите од Петтата гимназија, да се формира Училишен одбор – кој не е свикан од септември – и да се вратат на работа суспендираните и отпуштени професори од оваа гимназија.
Соопштија дека наставата е запрена до понатамошно известување.
Против в.д. директорката Данка Нешовиќ дел од родителите на учениците поднеле кривична пријава затоа што Советот на родители не бил формиран во законскиот рок.
Ученичкиот парламент на Третата белградска гимназија соопшти на 13 октомври дека презел мерки за обезбедување логистичка поддршка на учениците од Петтата гимназија.
„Ги повикуваме сите претставници на окупационата управа на Петтата белградска гимназија, предводени од в.д. директорката Данка Нешовиќ, без одлагање да ги исполнат барањата и да поднесат неотповикливи оставки“, соопшти во понеделникот Ученичкиот парламент на Третата белградска гимназија.
Здружението на родители од Петтата белградска гимназија претходно соопшти дека со одлука на в.д. директорката на почетокот на септември на 19 наставници не им бил продолжен договорот за определено време, а четворица наставници биле суспендирани.
Исто така, информираа дека биле променети 13 класни раководители, од вкупно 32.
Видете и ова: Студентите во блокада: Кој забрани дел граѓани на парадата во Белград?Министерството за образование ја именуваше Данка Нешовиќ за в.д. директорка на Петтата белградска гимназија на 24 февруари, откако колективот на училиштето даде поддршка на студентските протести кои траат во Србија од ноември.
Поради нејзиното именување, што беше оценето како партиска одмазда од страна на владејачката Српска напредна партија (СНС), повеќепати протестираа наставниците од Петтата гимназија, учениците и нивните родители.
Голем број училишта во Србија годинава со месеци беа во блокада во знак на поддршка на студентските барања, истовремено барајќи подобри услови за работа и повисоки плати за вработените во просветата.
Во изминатите 11 месеци, во Србија се одржаа десетици илјади протести, блокади и граѓански демонстрации, предводени од студенти, со барање претставниците на власта да сносат одговорност за загинувањето на 16 лица при уривањето на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.