ООН: Постои подготвеност за финансирање на обнова на Газа

Уништени згради во Газа/12 октомври 2025

Европските и арапските земји, Канада и Соединетите Американски Држави се подготвени да придонесат со околу 70 милијарди долари потребни за обновата на Газа - изјави претставник на Обединетите нации, додавајќи дека двегодишната војна создала урнатини еквивалентни на 13 пирамиди во Гиза.

Претставникот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Јако Силиерс изјави дека израелската војна против Хамас, кој ЕУ и САД го сметаат за терористичка организација, создала најмалку 55 милиони тони урнатини и дека може да бидат потребни децении за Газа целосно да се опорави.

„Чувме многу позитивни вести од бројни наши партнери, вклучувајќи ги европските партнери и Канада,“ рече тој на прес-конференција, додавајќи дека се водат и разговори со Соединетите Држави.

Откако стапи на сила примирјето во Газа, голем број Палестинци се вратија во урнатините на своите домови.

Видете и ова: Зеленски: Договорот за Газа носи надеж за Украина

Огромни делови од Газа се претворени во пустош за време на двете години израелско бомбардирање, во кое, според податоците на здравствените власти во Газа предводени од Хамас, биле убиени околу 68.000 луѓе.

Околу 83 проценти од сите градежни објекти во Газа се оштетени, според податоците на Сателитскиот центар на Обединетите нации (UNOSAT).

УНДП соопшти дека досега се имаат отстрането околу 81.000 тони урнатини од Појасот Газа и дека продолжуваат со работата.

Израел ја започна офанзивата откако милитантите предводени од Хамас извршија напад на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени 1.200 луѓе, а 251 лице беше земено за заложник, според израелските податоци.

Хамас во понеделникот, според договорот за примирје, ги ослободи последните живи израелски заложници од Газа, додека Израел пушти скоро две илјади палестински затвореници.