Претседателството на БиХ го номинираше Трамп за Нобеловата награда за мир

Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ, членови на Претседателството на БиХ/Архивска фотографија

Претседателството на Босна и Херцеговина едногласно го номинираше американскиот претседател, Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир на 14 октомври – потврдено е за Радио Слободна Европа.

Жељка Цвијановиќ, членка на Претседателството од Република Српска, првпат на 22 август поднесе иницијатива претседателот на САД да биде номиниран за ова признание. Другите двајца членови од Федерацијата БиХ, Денис Бечировиќ и Жељко Комшиќ, тогаш одбија таа точка да се стави на дневен ред.

Пред четири дена беше објавено дека Нобеловата награда за мир за 2025 година ѝ се доделува на Марија Корина Мачадо од Венецуела. Мачадо е опозициска политичарка, економистка и една од најистакнатите критичарки на режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Соединетите Американски Држави на 31 јули 2023 година ја додадоа Цвијановиќ на листата на санкционирани лица поради закани кон Дејтонскиот мировен договор, интегритетот и суверенитетот на Босна и Херцеговина.

Видете и ова: Трамп и лидерите од Блискиот Исток потпишаа документ за мир во Газа

Претходно на листата на санкционирани лица беше ставен и Милорад Додик, поранешен претседател на Република Српска и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи, чии член е Цвијановиќ.

Наградата за мир е една од петте Нобелови награди. Се доделува на поединци или организации кои дале значаен придонес за мирот во светот, пред сè преку промоција на братството меѓу народите, разоружување и мир.

Оваа награда ја воспоставил Алфред Нобел, а од 1901 година ја доделува Норвешкиот Нобелов комитет.

Церемонијата на доделување се одржува на 10 декември во Осло. Добитниците добиваат награда во форма на медал, диплома и парична награда.