Во текот на следните пет години, компанијата Гугл (Google) ќе инвестира 15 милијарди долари во воспоставување капацитети за центри за податоци како дел од центрите за вештачка интелигенција во индиската држава Андра Прадеш. Ова, пишува Ројтерс, е една од најголемите инвестиции на Гугл во Индија.
„Тоа е најголемиот центар за вештачка интелигенција во кој ќе инвестираме надвор од САД“, изјави извршниот директор на Google Cloud, Томас Куријан, во Њу Делхи.
Кампусот на центарот за податоци со капацитет од еден гигават ќе биде сместен во пристанишниот град Висакапатнам, а официјалните лица на јужната индиска држава претходно ја проценија инвестицијата на десет милијарди долари.
Овој потег доаѓа во услови на зголемена конкуренција меѓу големите технолошки компании кои трошат огромни суми за изградба на нова инфраструктура на центри за податоци за да ја задоволат растечката побарувачка за услуги за вештачка интелигенција.
Видете и ова: ЕУ бара клучните сектори да користат вештачка интелигенција произведена во ЕвропаОваа година, само Гугл (Google) вети инвестиција од околу 85 милијарди долари во проширување на капацитетот на центрите за податоци.
Вештачката интелигенција бара обработка на огромни количини на податоци за да работи, зголемувајќи ја побарувачката за специјализирани центри за податоци кои им овозможуваат на технолошките компании да поврзат илјадници чипови.
„Мајкрософт“ и „Амазон“ веќе инвестираа милијарди долари во изградба на центри за податоци во Индија, клучен пазар за раст за глобалните технолошки компании каде што речиси милијарда корисници имаат пристап до интернет.