Со блокирање на собраќајот на кружниот тек кај двојниот мост во Кочани родителите на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ , денеска (12 октомври) ги започнаа најавените блокади.
Денешната блокадатраеше еден час односно од 15: 15 до 16: 15 часот.
Родителите остануваат на ставот дека блокадите ќе продолжат сѐ додека не почне судењето. Поради изјавите на дел од адвокатите на обвинетите дека судскиот процес може да трае и до 15 години, сметаат дека се подготвува јавноста за одолговлекување и заборавање на случајот.
Видете и ова: Родителите на настраданите во пожарот во Кочани од утре на собири и блокади сѐ додека не започне судењетоПретходно, ги повикаа судиите од Кривичниот суд да се мобилизираат и што побргу да го закажат судењето за случајот и обвинетите да седнат на обвинителна клупа.
„Нашето трпение е веќе при крај, се потешко и секој ден се повеќе стрес и виктимизација на жртвите, нашите деца ги убиваат повторно и повторно со нивните изјави на обвинети, на крај ќе излезе дека ние родителите и нашите деца сме виновни“, рече Светлана Стојанова, мајка на починатиот Андреј од Оризари.
Блокадите на кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“ продолжуваат и утре, најавија родителите на починатите во дискотеката „Пулс“.
Дека ќе организираат блокади, тие најавија вчера за време на „Маршот за ангелите“. Вчерашниот марш беше дваесет и шести по ред, а започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши.
Во пожарот во „Пулс“, ноќта помеѓу 15 и 16 март, загинаа 62 лица и над 200 беа повредени.