Деветнаесет лица се водат како исчезнати, а неопределен број лица загинале откако голема експлозија на 10 октомври ја погоди фабриката за американски воени експлозиви, соопштија властите.
Снимки од воздух емитувани од американските медиуми ги прикажуваат остатоците од фабриката во сојузната држава Тенеси, со изгорени и уништени возила расфрлани низ објектот.
„Во моментов можеме да потврдиме дека трагаме по 19 лица“, изјави за новинарите шерифот на округот Хамфрис, Крис Дејвис.
„Има жртви. Не сакам да наведам точен број... Можам веднаш да ви кажам дека бараме 19 лица“, додаде тој.
Експлозијата се случила во фабрика со која управува компанијата „Accurate Energetic Systems“ во областа Бакснорт, во округот Хикман.
Подоцна беа издадени официјални предупредувања да се избегнува тој регион поради страв од секундарни експлозии.
„Итните служби моментално се на лице место и работат на решавање на ситуацијата“, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Хикман на Фејсбук.
Видете и ова: Нови санкции од САД, опфатени и кинеско пристаниште и рафинерија за нафтаНа прашањето да ја опише состојбата во зградата каде што се случила експлозијата, шерифот на округот Хамфрис, Дејвис, беше кус и јасен.
„Дали можам да ја опишам зградата? Нема што да се опише. Ја нема. Тоа е најразорувачката сцена што сум ја видел во текот на мојата кариера“, им рече на новинарите.
„Accurate Energetic Systems“, производител на експлозиви основан 1980 година, не одговори веднаш на барањето на AFP за коментар.
На Фејсбук-страницата на компанијата се наведува дека произведува „разни високоексплозивни композиции и специјални производи“ за Министерството за одбрана на САД, сега преименувано во Министерство за војна, како и за американските индустриски пазари.
Извор: АФП