Меланија Трамп вели дека има „отворен канал“ за комуникација со Путин во врска со украинските деца

Меланија Трамп

Сопругата на американскиот претседател, Меланија Трамп, на 10 октомври изјави дека комуницирала со рускиот претседател, Владимир Путин, за судбината на децата киднапирани од Русија за време на војната во Украина.

Во обраќањето во Белата куќа, таа изјави дека осум деца се повторно обединети со своите семејства во последните 24 часа по преговорите меѓу неа и тимот на Путин.

Меланија Трамп рече дека Путин одговорил на писмото што го испратила преку нејзиниот сопруг, претседателот Доналд Трамп, на самитот во Алјаска во август, кое инаку не успеало да обезбеди пробив во прекинувањето на руската инвазија.

„Многу работи се случија откако претседателот Путин го прими моето писмо минатиот август. Тој одговори писмено сигнализирајќи ја својата подготвеност директно да се вклучи со мене и да даде детали во врска со украинските деца што живеат во Русија“, им рече таа на новинарите.

„Оттогаш, претседателот Путин и јас имавме отворен канал за комуникација во врска со благосостојбата на овие деца“, рече таа.

Меланија Трамп кажа дека двете страни имале и „неколку средби и повици преку тајни канали, сите со добра намера“.

„Мојот претставник соработува директно со тимот на претседателот Путин за да се обезбеди безбедно повторно обединување на децата со нивните семејства меѓу Русија и Украина“, рече таа.

Видете и ова: Рускиот камп, каде што киднапирани украински деца правеле дронови

Во извештај објавен на 3 декември 2024 година, истражителите на Универзитетот Јеил изјавија дека најмалку 314 деца од Украина биле подложени на „систематска програма за присилно посвојување и згрижувачко семејство“ од страна на семејства во Русија.

Во март 2023 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин за „воено злосторство нелегална депортација“ и „нелегален трансфер“ на деца од украинска територија во Русија. Руската комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова, исто така беше обвинета.

Руските службеници често ги прикажуваат активностите со деца од Украина како хуманитарен гест на посвојување, хранење или заштита на децата од војната во окупираните региони.

Украинските службеници, новинарите и активистите на граѓанското општество претходно собраа значајни докази за улогата на руската држава во преместувањето и депортацијата на децата од Украина.