Нобеловата награда за мир ја доби венецуелската политичарка Марија Корина Мачадо

Марија Корина Мачадо

Нобеловата награда за мир ја доби Марија Корина Мачадо од Венецуела, објави норвешкиот Нобелов комитет.

Се наведува дека Мачадо ја добила наградата „за нејзината неуморна работа на промовирање на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведен и мирен премин од диктатура во демократија“.

Мачадо е опозициска политичарка, економистка и една од најистакнатите критичарки на режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Таа е основачка на движењето „Венте венецуела“ и симбол на борбата за демократски промени во земјата, позната по своите либерални и продемократски ставови.

Видете и ова: Унгарецот Ласло Краснахоркаи е добитник на Нобеловата награда за литература

На почетокот од 2000-тите години ја основала организацијата Súmate, која се борела за фер избори и транспарентност, поради што често била мета на властите.

Во јануари 2024 година, додека се приближуваа претседателските избори, Врховниот суд на Венецуела под контрола на Мадуро ја дисквалификуваше од политиката на 15 години, со што ѝ беше оневозможено да се кандидира.

Мачадо тогаш ја именуваше професорката Корина Јорис како своја замена на листата на опозицијата.

Видете и ова: Тројца квантни научници од САД се добитници на Нобеловата награда за физика

И покрај забраната, Мачадо продолжи со јавни настапи, собирајќи поддржувачи низ цела Венецуела.

Во јануари 2025 година накратко беше уапсена по говор во Каракас, а сведоци тврдат дека нејзиниот конвој бил нападнат. Наскоро беше пуштена на слобода, додека властите негираа дека воопшто дошло до апсење.

Меѓународната заедница, вклучувајќи ја Европската унија и САД, ја смета Мачадо за клучна фигура на демократската опозиција.