Фон дер Лајен следната недела на турнеја низ Западен Балкан

Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија (фотоархива).

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен следната недела ќе ги посети земјите од регионот на Западниот Балкан, информираше на 9 октомври портпаролката на ЕК, Паула Пињо.

Пињо нагласи дека повеќе детали за оваа годишна турнеја на Фон дер Лајен низ Западниот Балкан, Европската комисија ќе соопшти во текот на утрешниот ден.

Очекувањата се дека во рамки на турнејата, фон дер Лајен ќе го посети и Скопје на 15 октомври.
Турнејата на Фон дер Лајен се поклопува со втората годишнина од усвојувањето на Планот за раст на Западниот Балкан, кој, како што нагласи портпаролот на ЕК за проширување Гијом Мерсие, ги поставува темелите за подготовка на земјите од регионот за интеграција во единствениот европски пазар и носи директни придобивки за граѓаните.

Видете и ова: Фон дер Лајен повторно го преживеа гласањето за доверба

Планот за раст за Западен Балкан беше усвоен од страна на Европската комисијата на 8 ноември 2023 година. Тој има за цел да ги интегрира партнерите на ЕУ од Западниот Балкан во Единствениот европски пазар, да ја унапреди регионалната економска соработка, да ги продлабочи реформите поврзани со пристапувањето кон Унијата и да го зголеми претпристапното финансирање за да се забрза социо-економската конвергенција на регионот со блокот.

Планот за раст за Западен Балкан содржи вкупно шест милијарди евра, од кои четири милијарди се во форма на заеми, додека две милијарди се грантови. Парите од овој фонд се исплаќаат двапати годишно, а за да ги добијат земјите од регионот треба да ги спроведат реформите утврдени со реформските агенди.

Сите проекти од Планот за раст мора да бидат завршени до крајот на 2027 година и нема да има продолжување на роковите.