Макрон треба да именува премиер додека истекува рокот за буџетот

Емануел Макрон, претседател на Франција (фотоархива).

Францускиот претседател Емануел Макрон веројатно утре (10 октомври) ќе именува нов премиер, соопштија од неговиот кабинет, пренесе ДПА.

Во Париз, како што пишува агенцијата, се шпекулира со неколку имиња за тоа кој ќе ја преземе функцијата, па така се споменуваат лидерот на Социјалистичката партија Оливие Форе, поранешниот социјалистички премиер Бернар Казнев, како и центристичкиот политичар Жан-Луј Борло, кој беше член на претходните влади на Жак Ширак и Никола Саркози.

Часовникот отчукува за Макрон да донесе одлука бидејќи според Уставот на Франција, владата мора да достави нацрт-буџет за 2026 година до парламентот најдоцна до понеделник. Доколку тоа не се случи, наведува ДПА, би можеле да се продлабочат политичките превирања во земјата, а сето тоа дополнително да влијае и врз силно задолжената француска економија.

Видете и ова: Зошто Франција е заглавена во постојана политичка криза?

Вршителот на должноста министер за финансии, Роланд Лескир, уверува дека Франција ќе го усвои буџетот за 2026 година и ќе ги испочитува обврски.

„Постои мнозинство пратеници кои сакаат стабилност и се согласуваат за една точка: Франција има потреба од буџет за 2026 година кој ги исполнува нашите обврски кон нашите европски партнери – и токму тоа ќе се случи“, рече тој на состанок во Луксембург.

Досегашниот премиер на Франција, Себастиен Лекорну поднесе оставка од функцијата во понеделник по помалку од еден месец на функцијата, велејќи дека во недостатокот на компромис низ целиот политички спектар е невозможно да се владее.

Политичката ситуација во Франција е кревка од 2022 година, кога Макрон го изгуби мнозинството во парламентот.

Проблемите се влошија кога тој неочекувано распиша предвремени парламентарни избори минатата година, што резултираше со „парламент без мнозинство“ поделен на три идеолошки блока: неговата централно-десничарска алијанса, левицата и крајната десница (RN).