Пратките од Тему и слични онлајн продавници ќе поскапат за 18 отсто

илустрација

Сите пратки кои пристигнуваат од странство ќе бидат поскапи за 18 проценти доколку пратениците ги изгласаат законските измени предложени од Владата. До собранието, Владата достави предлог-измени на Законот за ДДВ со кои се планира да се укине ослободувањето од плаќање ДДВ за производите од странство во износ до 22 евра. Тоа би значело автоматско поскапување на сите нарачки за 18 проценти, колку што е стапката за ДДВ.

„Ако предлогот биде усвоен, секоја комерцијална пратка, без оглед дали чини 5, 15 или 21 евро, ќе се оданочува со 18 отсто ДДВ. Исклучок ќе останат само „мали пратки од некомерцијална вредност“ испратени од физичко лице до физичко лице, до 22 евра, при што забраната за алкохол, парфеми, тутун и слични производи се задржува“, пишува во текстот на предлог-законот.

Во предлог-законот се наведува дека при увоз на добра, од плаќање на ДДВ се ослободуваат патници кои доаѓаат од странство, за предмети наменети за нивни лични потреби за време на патувањето во странство (личен багаж), а кои не подлежат на какви било важечки ограничувања или забрани.

Видете и ова: Купуваме ли небезбедни производи од странски платформи?

Владата го образложува потегот како усогласување со меѓународни практики и затворање на даночната „дупка“ кај ситните пратки, со цел сите увезени производи да носат соодветна даночна обврска.

Инаку овој предлог следува откако е зголемен трендот на купување од онлајн продавници како Тему, Али експрес, Шејн и сл.

Според последните статистички податоци на Царинската управа само во јуни 2025 македонските купувачи нарачале околу 250 тони стока. Од неа за приближно 150 тони се наплатиле давачки од околу 41,7 милиони денари, додека за дел од пратките до 22 евра не се платиле никакви давачки.

Во ЕУ, пак, прагот за ослободување од давачки е повисок и тој е поставен на пратки до 150 евра. Но, негово укинување изминатиот период се споменува како една од мерките што би можеле да се преземат. На тој начин, како што пишуваа медиумите во Европа, од една страна би се одвратиле потрошувачите од купување производи со ниска вредност, а од друга би се делувало и во овозможување на фер услови за домашните односно европските бизниси кои имаат трошоци за да ги задоволат стандардите за квалитет.