Веб страниците на социјалните платформи во Авганистан се „намерно ограничени“, соопшти во средата групата за сајбер безбедност и мониторинг на интернет Нетблокс (NetBlocks).
„Метриките покажуваат дека платформите на социјалните медиуми Instagram, Facebook и Snapchat сега се ограничени од повеќе провајдери во Авганистан; инцидентот следи по прекинот на телекомуникациите минатата недела и е најновиот во низата мерки за цензура на интернет воведени од Талибанците“, соопшти NetBlocks.
Некои корисници на социјалните мрежи во Авганистан изјавија за Радио Азади (авганистанскиот сервис Радио Слободна Европа ) претходно во текот на денот дека не можеле да пристапат до социјалните медиуми без користење филтри или VPN мрежи од вторник вечерта.
Владата предводена од Талибанците официјално не коментираше за исклучувањето на социјалните медиуми.
Минатата недела во Авганистан настана 48 часовен хаос, откако талибанските власти ги исклучија телекомуникациите низ целата земја. Талибанците го прекинаа пристапот до интернет со оптички влакна и мобилни телефонски услуги, кои се потпираат на истиот систем, без предупредување на 29 септември. Пристапот беше вратен на 1 октомври.
Видете и ова: Масовно исклучување на интернетот во Авганистан поради „моралната“ репресија на ТалибанцитеОвој потег предизвика хаос, ги прекина летовите и го прекина пристапот до банкарските и е-трговските системи, како и до онлајн бизнисите и училиштата.
Талибанците не ја соопштија официјалната причина за таквата одлука, но затворањето дојде неколку недели откако радикалната исламистичка група го блокираше пристапот до интернет преку оптички влакна во неколку провинции, наведувајќи загриженост за „неморал“.
Критичарите рекоа дека потегот е дел од поширока репресија врз индивидуалните слободи и слободниот проток на информации во Авганистан.
Запирањето на комуникациите ги погоди обичните Авганистанци, приватните бизниси и владините канцеларии и создаде предизвици за илјадници Авганистанци кои живеат надвор од земјата.
Интернетот беше спас за авганистанските жени, од кои многумина го загубија правото на работа и студирање откако Талибанците воведоа забрана во 2022 година. Прекинот на интернет предизвика страв кај жените дека нивната последна надеж бледнее.