Државата од денеска и официјално дел од системот за плаќање во евра

илустрација

Од денеска (7 октомври) земјава официјално започнува со примена на Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА), со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА под исти услови како и во Европската Унија, информира Министерството за европски прашања.

„Со започнување на практичната примена за полесни, побрзи и поевтини трансакции во евра, Северна Македонија и официјално стана активен дел од европската зона за плаќања, што претставува важен чекор во унапредување на интеграцијата со единствениот европски пазар“, нагласува МЕП.

Видете и ова: Каков ќар ќе имаат граѓаните и бизнисот од системот за плаќање во евра

Приклучувањето кон СЕПА е дел од активностите во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има за цел да ја забрза економската интеграција на земјите од регионот со Европската Унија преку зголемен пристап до единствениот пазар, поттикнување на инвестиции и унапредување на финансиските услуги, потсетува МЕП.

Оттаму велат дека со имплементацијата на СЕП плаќањата, нашата земја се приближува кон европските финансиски текови и го потврдува својот континуиран напредок на патот кон членство во Европската Унија.

СЕПА е иницијатива на ЕУ чија цел е да се поедностават и стандардизираат трансакциите и да има побрза, поевтина и посигурна уплата и исплата на евра меѓу земјите членки. Дел од неа се сите 27 членки на Унијата, како и Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија, Монако, Исланд, Сан Марино, Андора, Ватикан и Обединетото Кралство.

Попристапен, поудобен и побезбеден метод за трансакции во евра, се придобивките што ќе ги имаат граѓаните од членството во СЕПА, велат надлежните. Од Народната Банка потенцираат и оти користа, пред сè, ќе биде во намалените трошоци за прекугранични плаќања, вклучително и за дознаките.

Очекувањата се дека тоа ќе ја забрза и дигиталната трансформација на финансискиот сектор и ќе се намали зависноста од готовински трансакции. Тоа, се очекува да биде од голем бенефит и за компаниите, бидејќи ќе се скратат и времето и трошоците за трансакциите во евра.