Папата се надева дека планот за Газа ќе ги постигне „посакуваните резултати“

Папата Лав 14. (фотоархива)

Папата Лав се надева дека планот за завршување на војната во Газа наскоро ќе ги постигне „посакуваните резултати“, рече тој во неделата откако посочи дека се направени значајни чекори во преговорите за завршување на конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Зборувајќи за време на неделната молитва, папата ги замоли сите релевантни страни да се посветат на мировниот процес, нагласувајќи ја итната потреба од завршување на конфликтот и воспоставување „праведен и траен мир“.

„Во последните часови, во услови на драматична ситуација на Блискиот Исток, беа преземени некои значајни чекори напред во мировните преговори, за кои се надевам дека наскоро ќе ги постигнат посакуваните резултати“, им рече папата на верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“.

Видете и ова: Трамп „нема да толерира“ одложување на неговиот план за Газа

Тој, исто така, ги обнови повиците за траен прекин на огнот во речиси двегодишниот конфликт и ослободување на заложниците држени во Газа.

Папата Лав, првиот американски папа, беше избран од светските кардинали во мај за да го замени починатиот папа Франциск и досега беше повнимателен во зборувањето против конфликтот во Газа од неговиот претходник.

Сепак, неговата реторика во застапувањето на мирот во Газа стана поостра откако Израел ја нападна единствената католичка црква на територијата во јули.

Претходно во вторникот, папата го пофали планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа и изрази надеж дека палестинската милитантна група Хамас, кој е прогласена за терористичка од САД и ЕУ, ќе го поддржи.