Пет турски државјани обвинети за убиство на нивен сонародник во Штип

Убиството се случи во кафе-бар во центарот на Штип на 8 мај 2025 г.

Пет државјани на Турција се обвинети за убиството на Енес Оздемир, уште еден државјанин на Турција, кое се случи на 8 мај во Штип, соопшти штипското Основно јавно обвинителство (ОЈО) откако поднело обвинение до судот.

Еден од обвинетите се товари дека директно го извршил кривичното дело убиство, а се гони и за неовластено држење на оружјето со кое ја убил жртвата.

Од останатите, тројца се обвинети дека му помогнале во извршувањето на делото, додека петообвинета е девојка која се гони за помаѓање откако се случило убиството.

Првообвинетиот е 21-годишно момче кое во Северна Македонија било без регулиран престој. Според обвинителството, на почетокот на мај тоа купило полуавтоматски пиштол од непознато лице во Скопје, а потоа се договорило со жртвата да се сретнат во кафе-бар во центарот на Штип.

„Тие седнале на една од масите во аголот од летната тераса на кафе барот и разговарале околу 15 минути. Во еден момент обвинетиот отишол до тоалетот и веднаш се вратил, го извадил пиштолот и започнал да пука кон оштетениот, нанесувајќи му шест огнострелни повреди од кои починал“, велат од ОЈО Штип.

Видете и ова: Мафијашки убиства и престрелки ги вознемируваат граѓаните – како да се пресретнат?

Тројца од останатите обвинети, пак, иако знаеле што планира, обвинителството тврди дека му обезбедиле логистичка поддршка – го сместиле во станот каде живееле и му помогнале да го купи пиштолот. На денот на убиството, според информациите од обвинителството, тие го превезле и до Штип.

Според ОЈО, по убиството тие ја повикале петообвинетата да ги превезе со нејзиниот автомобил назад за Скопје, но враќајќи се забележале дека има полиција на патарината „Миладиновци“.

„Таа го запрела возилото на околу 300 триста метри пред патарината, овозможувајќи му на директниот извршител да излезе и да почне да бега надвор од коловозот, покрај автопатот, каде подоцна бил пронајден и уапсен. Останатите продолжиле да се движат со возилото кон патарината и биле запрени од полициските службеници, кои започнале да ги легитимираат и да вршат преглед над возилото“, пишува во соопштението од обвинителството.

Како што се додава, иако се обиделе да избегаат, за кратко време биле фатени и уапсени.

Четворица од обвинетите веќе се наоѓаат во притвор и ОЈО Штип бара мерката да им биде продолжена. За петообвинетата, пак, на сила се поблаги мерки на претпазливост.