Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) работи на враќање на надворешното напојување со електрична енергија на нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина, изјави шефот на агенцијата на ОН, Рафаел Гроси.
Генералниот секретар изјави дека работи со двете страни во воениот конфликт за што поскоро решавање на проблемот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека ситуацијата во електраната станала критична во седмиот ден од вонредната состојба.
Снабдувањето со електрична енергија до електраната се одржува со дизел генератори, предупреди Зеленски, додавајќи дека поради руското гранатирање е невозможно да се поправи далноводот до електраната и да се воспостави основната безбедност.
„Поради руското гранатирање, електраната е исклучена, исклучена е од електричната мрежа и се снабдува со електрична енергија од дизел генератори. Тоа е невозможно. Генераторите и електраната не се дизајнирани за ова, тие никогаш не работеле во овој режим долго време, а веќе имаме информации дека еден генератор откажал“, напиша на платформата X, претседателот Зеленски.
Видете и ова: Агенцијата за атомска енергија предупредува на ризици за нуклеарната безбедност во УкраинаТој рече дека тоа е „закана за сите“ и дека ниту еден терорист „никогаш не требало да го направи она што Русија го прави на нуклеарна централа“.
Гроси рече дека е „во постојан контакт со двете страни со цел да се овозможи брзо повторно поврзување на електраната со електричната мрежа“.
„Иако централата во моментов се справува со ситуацијата благодарение на своите итни дизел генератори (последната линија на одбрана) и нема непосредна опасност сè додека тие работат, очигледно ова не е одржлива ситуација во однос на нуклеарната безбедност“, рече тој во изјава објавена од Ројтерс.
„Ниту една страна нема да има корист од нуклеарна несреќа“, додаде тој.
Гроси рече дека двете страни посочиле дека воените активности ги спречиле да извршат потребни поправки.
„Ги охрабрувам двете страни да соработуваат со нас и да дозволат да се извршат овие потребни поправки“, рече тој.
Руските претставници не ги коментираа последните изјави за условите во електраната. Раководството на електраната, која ја инсталираше Москва, негираше дека имало какви било проблеми со генераторите.
Видете и ова: Зошто нуклеарната агенција на ОН финансира руски истражувања на Крим?На 23 септември, украинската агенција за нуклеарна енергија „Енергоатом“ го објави десеттиот прекин на електричната енергија во Запорожје, наведувајќи дека последниот далновод што ја поврзува централата со украинскиот електроенергетски систем е исклучен.
Претставниците на МААЕ во централата потврдија дека дизел генераторите за итни случаи почнале да работат за да ја снабдуваат централата со електрична енергија.
Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа, беше заземена од руски трупи кратко откако Москва ја започна инвазијата во февруари 2022 година. Нуклеарните реактори на централата се затворени, но на централата сè уште ѝ е потребна електрична енергија за одржување на безбедносните функции како што е ладењето на реакторот.
МААЕ одигра улога во заштитата на состојбата на нуклеарните централи во Украина, а инспекторите на агенцијата се на лице место за да ја следат безбедносната ситуација. Гроси постојано предупредуваше на ризикот од нуклеарна несреќа предизвикана од борбите во близина на централата и водеше разговори со двете страни за да се обиде да ги смири тензиите околу централата.