Најмалку 60 луѓе загинаа, а 140 се повредени во силниот земјотрес што го погоди централниот дел на Филипини.
Земјотресот бил со јачина од 6,9 степени по Рихтер, соопшти Американскиот геолошки завод.
Локалната сеизмолошка служба предупреди на можно „мало нарушување на нивото на морето“ и ги повика жителите на централните острови Лејте, Себу и Билиран да „се држат подалеку од плажата и да не одат на брегот“.
Епицентарот на земјотресот бил на море од северниот врв на островот Себу и во близина на Бого, град со повеќе од 90.000 жители, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија.
По силниот земјотрес регистрирани се секундарни потреси, од кој најсилниот бил со интензитет од шест степени. Но, не е издадено предупредување за појава на цунами.
Земјотресот предизвика прекин на електричната енергија, а разурнати се повеќе згради, меѓу кои и црква стара повеќе од сто години.
Земјотресите се речиси секојдневна појава на Филипините, кои се наоѓаат на Тихоокеанскиот „Огнен прстен“, лак на интензивна сеизмичка активност што се протега од Јапонија преку Југоисточна Азија и низ Тихоокеанскиот басен.
Повеќето се премногу слаби за да ги почувствуваат луѓето, но силните и деструктивните доаѓаат случајно, без достапна технологија за да се предвиди кога и каде би можеле да удрат.