Иако најави бојкот, партијата на Додик ќе учествува на претседателските избори во Република Српска

Седница на Главниот одбор на СНСД на 4 август 2025 година

На 29 септември, главниот одбор на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) едногласно одлучи да излезат на предвремени избори за претседател на Република Српска, откако шефот на таа партија, Милорад Додик, беше осуден и разрешен од оваа позиција.

СНСД претходно повика на бојкот на изборите, свика референдум во Народното собрание на овој ентитет со цел да се отфрли пресудата против Додик и го повика да продолжи да ја извршува функцијата претседател на ентитетот, а потоа, исто така, со заклучок во собранието ги повика партиите „да одлучат за сопственото учество“.

„СНСД треба да оди на предвремени избори за претседател со цел да се спречи обид за уништување и дестабилизација на РС“, рече Додик на седницата на Главниот одбор на партијата одржана во Бања Лука.

Тој најави дека ќе се одржи седница на Народното собрание на РС „на која ќе биде назначен вршителот на должноста претседател на Република Српска“.

Денес е крајниот рок за регистрација на политичките партии, а СНСД не објави кој ќе биде нејзин кандидат.

Српската демократска партија (СДС) го номинираше Бранко Блануша, кој смета на поддршката од целата опозиција.

Видете и ова: Бранко Блануша-кандидат на опозицијата за претседател на Република Српска

Лидерот на опозициската Партија за демократски напредок и градоначалник на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, на 29 септември објави дека нема да се регистрира за изборите и дека нема да биде кандидат, но дека е „отворен за разговори“ со другите опозициски партии.

Република Српска нема претседател од август, кога беше потврдена пресудата на Додик за непочитување на одлуките на високиот претставник. Тој беше осуден на една година затвор, а тој дел од казната го отплати за околу 18 000 евра, и на шестгодишна забрана за вршење јавна функција.

Претседателот на РС има значителни овластувања. Тој предлага премиер и членови на Уставниот суд на Република Српска, може да свикува седници на Владата, но и да го разрешува премиерот без гласање во Собранието.