Мицкоски до кандидатите за градоначалници: Кампањата не смее да биде театар на празни ветувања

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на промоција на кандидати за градоначалници, Штип, 27 септември 2025 година.

Кампањата не смее да биде театар на празни ветувања, вашиот мандат е договор со граѓаните, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на промоцијата на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа во Штип на 27 септември.

Мицкоски рече дека очекувањата секогаш се високи и оти народот очекува подобар живот, сигурност, правдина и перспектива.

„Но, во суштина тој очекува нешто уште подлабоко: достоинственост и човечност, да не биде излажан, да не биде третиран како средство, туку за цел, за чија благосостојба мора да се работи одговорно“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Скопје пред избори - многу ѓубре и хаос, малку воздух и ред

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер ги наброи и обврските што ги презема Владата: борба против корупцијата, повисок животен стандард, реформи во сите области.

Тој рече дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ кои во минатите четири години ги менаџираа општините, а се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, изградиле и реконструирале над 770 километри улици и патишта, 47 километри нови водоводи, канализации од должина од речиси од 91 километар, модернизирани се повеќе од 400 училишта, 70 детски градинки, завршени или во завршна фаза се 274 спортски игралишта или детски рекреативни терени.

Кампањата за локалните избори ќе почне на 29 септември. Изборите ќе се одржат на 19 октомври.