Германската влада сака да постигне договор за депортација со Сирија

Александар Добринт, министер за внатрешни работи на Германија

Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт изјави дека владата сака да постигне договор со Сирија оваа година за депортација на одбиени баратели на азил, јави агенцијата ДПА.

„Сакаме да постигнеме договор со Сирија оваа година и прво да ги депортираме криминалците, а потоа и оние без законски престој“, изјави Добринт за весникот „Рајнише пост“ во изјава објавена во сабота, 27 септември.

„Важно е да се направи разлика помеѓу луѓето кои се добро интегрирани и работат и оние без право на азил кои се потпираат на социјална помош“, рече тој, додавајќи дека се очекува разговорите да започнат наскоро.

Видете и ова: Германија ги депортира првите авганистански државјани откако Талибанците ја презедоа власта

Добринт рече дека ѝ наложил на Федералната канцеларија за миграција и бегалци делумно да ги продолжи суспендираните процедури за азил за Сиријците, отворајќи го патот за депортации.

Германија не депортирала никого во Сирија од 2012 година. Бројот на сириски бегалци кои доброволно се враќаат во својата татковина полека се зголемува од падот на долгогодишниот режим на Башар ал-Асад во декември минатата година.

Според Министерството за внатрешни работи, 1.867 лица се вратиле во Сирија со владина поддршка до крајот на август. На крајот на јули, според Централниот регистар на странци, нешто помалку од 955.000 сириски државјани живееле во Германија. Минатата година, околу 83.150 Сиријци добиле германско државјанство, покажаа податоците на Министерството за внатрешни работи.

Бројките за 2025 година уште не се објавени.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Германија ги заострува мерките против имиграцијата

Добринт, исто така, сака поструктуриран пристап кон депортациите во Авганистан.

„Мојата цел е редовно и систематски да депортирам. Во моментов, тоа е можно само со поддршка на Катар“. Во иднина, би сакал ова да се организира без посредници, што бара директни разговори со властите во Кабул“, рече тој, опишувајќи ги разговорите како „технички“.

Германија нема дипломатски врски со Талибанците, кои се вратија на власт во август 2021 година и остануваат меѓународно изолирани поради кршењата на човековите права и правата на жените. Оттогаш, само два лета за депортација од Германија во Авганистан се реализирани со помош на Катар, и двата со осудени криминалци.