Дисциплинска за 11 вработени во полицијата за случајот со убиената Росица

Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија.

Вкупно 11 вработени во Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес ќе подлежат на дисциплинска постапка, откако таков предлог дала внатрешната контрола во Министерството за внатрешни работи (МВР), а во врска со постапувањето на полицијата за случајот со убиената велешанка Росица Коцева.

Од МВР соопштија дека Одделот за внатрешна контрола, по насока од министерот Панче Тошковски, го проверувал постапувањето на полицијата по сите настани кои Росица Коцева ги пријавувала во полицијата.

„Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите“, соопштија од МВР.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Институциите да не затајуваат кога треба да ги заштитат жените

За 11 вработени во СВР Велес за кои се утврдени пропусти, Министерството го известило и Јавното обвинителство, но оттаму соопштија дека сè уште не го добиле писменото известување.

Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, велат од Јавното обвинителство, ќе постапи согласно своите надлежности.

31-годишната Росица Коцева и нејзиниот татко, беа убиени на 15 септември од нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски, кој потоа се самоуби. Пет дена пред убиството, нејзиниот партнер во судска постапка пред Основниот суд во Велес беше прогласен за виновен за загрозување на сигурноста и за насилство врз Росица. За овие дела му беше изречена условна казна.

Видете и ова: Системот ги турка жртвите во рацете на насилникот

Овој случај на фемицид во Северна Македонија предизвика низа реакции во јавноста и од невладиниот сектор со обвинувања дека системот не ја заштитил жртвата откако беше објавено дека убиената Росица повеќе пати го пријавувала експартнерот за насилство, за палење на возилото на нејзиниот татко, како и за непочитување на забраната за приближување.