Словачка ги ограничи правата на ЛГБТ+ лицата

Братислава, главен град на Словачка (фотоархива).

Словачкиот парламент усвои амандман на Уставот со кој се ограничуваат правата на истополовите парови и се отежнува промената на полот.

Овој амандман, изгласан денеска (26 септември), им дава приоритет на домашните закони за регулирањето на ваквите прашања, наместо на регулативите на Европската Унија (ЕУ), чија членка е Словачка.

90 од 99 присутни пратеници гласаа „за“, додека опозицијата не учествуваше во гласањето.

Првично, гласањето беше закажано за 24 септември, но беше одложено бидејќи владата процени дека нема мнозинство за да го усвои амандманот. Потоа, тој беше ставен на дневен ред на парламентот за денеска.

Видете и ова: Како авторитарните режими ја усовршуваат играта со дезинформации

Претходно, Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа составено од експерти за уставно право, ја предупреди Словачка да не усвојува таков амандман бидејќи државите не треба да создаваат конфликт помеѓу „културните прашања“.

Текстот на амандманот наведува дека Словачка треба да има суверенитет над ваквите „културни и етички прашања“ и треба да има предност пред правото на ЕУ.

„Полот може да се менува само од сериозни причини, во согласност со условите што ќе се утврдат со закон“, се вели во текстот на амандманот, со кој правото на посвојување деца им се дава само на брачните парови, со ретки исклучоци.

Словачка е членка на Европската Унија од 2004 година и со нејзиното приклучување се обврза да ги почитува основните човекови права.