Вучиќ разговарал за Косово со генералниот секретар на ОН Гутереш

Српскиот претседател Александар Вучиќ во ОН.

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш на 25 септември, со кого рече дека имал „добар и отворен разговор“.

Вучиќ на својот Инстаграм профил изјави дека разговарале за ситуацијата во Косово и „можните чекори за надминување на предизвиците“.

„Секогаш добар и отворен разговор со Гутереш, со кого разменив мислења за најважните глобални теми и клучни прашања за иднината на светот што ќе им ги оставиме на идните генерации“, рече Вучиќ.

Вучиќ е во Њујорк, каде што учествува на генералната дебата на 80-тата седница на Генералното собрание на ОН.

Видете и ова: Османи побара укинување на мерките на ЕУ против Косово

Во своето обраќање пред оваа меѓународна организација на 24 септември, за време на кое зборуваше и за ситуацијата во Босна и Херцеговина и ентитетот на БиХ Република Српска, антивладините протести во Србија, конфликтот во Појасот Газа и убиството на американскиот конзервативен активист Чарли Кирк, Вучиќ рече дека Косово е „неразделен дел“ од Србија.

Тој изјави дека Србите на Косово живеат во „драматични услови“.

Косово прогласи независност во 2008 година, која Србија не ја признава.

Повеќе од 100 земји ја признаваат независноста на Косово, а од 27-те членки на Европската Унија, кон чие членство се стремат и Србија и Косово, Косово е признато од 22 земји-членки.

Дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово се одвива од 2011 година под покровителство на Европската Унија.