Естонија му забрани влез на Милорад Додик

Милорад Додик, поранешниот претседател на босанскиот ентитет Република Српска.

Естонија воведе санкции врз Милорад Додик, поранешниот претседател на босанскиот ентитет Република Српска, како и врз Ирина Влах - проруска политичарка од Молдавија.

Како што објави естонското Министерство за надворешни работи на 25 септември, на Додик и Влах им е забранет влез во балтичката држава.

Во соопштението се вели дека министерот за надворешни работи Маргуш Цакна вовел санкции врз две лица кои „го поткопуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите и поттикнуваат сепаратизам“.

„Новата санкција дозволува примена на забрана за влез врз лица за кои постојат докази за учество или активна поддршка на активности во странство што ги кршат нормите и принципите на меѓународното право“, рече Цакна.

Со тоа, Естонија им се придружува на Германија, Австрија и Словенија, кои му забранија на Додик влез оваа година поради неговите сепаратистички тенденции.

Видете и ова: Пријавување за изборите во Република Српска од 25 септември, кампањата во ноември

Додик претходно беше под санкции од САД, како и од Велика Британија, поради неговите антидејтонски активности.

На Додик му беше одземен мандатот како претседател на РС откако беше потврдена првостепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина за непочитување на одлуките на високиот претставник.

Тој беше осуден на една година затвор - која ја откупи, во согласност со законот - и шестгодишна забрана за вршење јавна функција.

По ова, во РС беа распишани предвремени претседателски избори, кои се закажани за 23 ноември.

Санкциите за молдавската политичарка Влах, поранешна гувернерка на автономниот регион Гагаузија во Молдавија, доаѓаат истата недела кога земјата одржува парламентарни избори, на кои ќе се одлучи дали земјата ќе се приближи кон Европската Унија или кон Русија.