Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска во обраќањето на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк порача дека човештвото е пред голем испит – дали ќе обезбеди меѓународен поредок врз визионерски принципи или ќе се соочи со катастрофа со несогледливи последици.
Таа истакна дека наместо заеднички одговор на глобалните предизвици – мирот, климатските промени и растечките нееднаквости – светот оди кон „паралелни поредоци“ и состојба на конфликти. Како најдраматичен пример го посочи војната во Украина, нарекувајќи ја руската агресија „флагрантно кршење на Повелбата на ОН“.
Во говорот се осврна и на регионот, велејќи дека европската интеграција на Северна Македонија е попречувана од субјективни и националистички причини, а новите услови за уставни измени повторно го отвораат прашањето за јазикот, културата и историјата. Таа нагласи дека Македонија сака да се интегрира во Унијата, но со зачувано национално достоинство и без дополнителни условувања.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова во САД на 80. Генерално собрание на ОНСиљановска – Давкова повика на реформа на Обединетите нации, кои според неа мора да станат поотпорни на системски потреси и да се справат со новите предизвици, како што е вештачката интелигенција. Таа истакна дека е време организацијата да добие жена генерален секретар.
Во однос на климатските промени, претседателката рече дека македонските граѓани веќе ги чувствуваат последиците и дека државата останува посветена на спроведувањето на Парискиот договор. Потсети и на новата Рамка за соработка со ОН 2026–2030 за инклузивен развој, зелено општество и владеење на правото.
„Обединетите нации се несовршен, но неопходен инструмент за поправеден и побезбеден светски поредок. Да им дадеме шанса,“ порача Сиљановска – Давкова на крајот од обраќањето.