Светската трговска организација (СТО) ја поздрави одлуката на Пекинг да не бара нови посебни поволности во идните преговори со СТО, нарекувајќи ја чекор кон поправеден глобален трговски систем.
„Ова е пресуден момент за СТО. Одлуката на Кина ја одразува нејзината посветеност на порамнотежен и поправеден глобален трговски систем,“ изјави во соопштение генералната директорка Нгози Оконџо-Ивеала.
Нејзиниот коментар дојде по изјавата на кинескиот премиер Ли Кианг во вторникот дека неговата земја нема да бара нов третман со „посебни и диференцирани права“, поволност која им се доделува на земјите во развој во идните преговори со СТО.
Ли ја даде изјавата на состанок на високо ниво во рамки на Генералното собрание на Обединетите Нации, јави официјалната новинска агенција Синхуа.
Во образложението, тој истакнал дека втората најголема економија во светот се однесува како „одговорна голема земја во развој“, пренесе Синхуа.
Договорите на СТО содржат одредби кои на земјите во развој им даваат посебни права и овозможуваат другите членки да ги третираат поповолно.
Видете и ова: Лидерите на ЕУ на клучен самит во ПекингТоа вклучува подолги рокови за исполнување обврски и мерки за поттикнување на трговските можности на овие земји.
Но, некои богати држави во минатото сметаа дека Кина повеќе не треба да се класифицира како земја во развој, што инаку е одлука што земјите ја носат самостојно.
Вашингтон претходно тврдеше дека Кина, која стана најголем трговец со стоки во светот, треба да се откаже од третманот што им се дава на земјите во развој.
Ли Јихонг, вршител на должност во постојаната мисија на Кина во СТО, нагласи дека Пекинг сè уште се смета за земја во развој. Таа рече дека одлуката да се откаже од посебни поволности во идните преговори е реакција на „тековните предизвици со кои се соочува мултилатералниот трговски систем“.
„Ова го гледаме како конкретна мерка што ја презема Кина за проактивно да ја преземе својата одговорност и да ја покаже посветеноста на една голема земја во развој. Ова не значи никаква промена во статусот на Кина како земја во развој,“ нагласи таа.
Оконџо-Ивеала изјави дека декларацијата на премиерот претставува „значаен чекор во тековните дискусии за улогата на големите и напредни земји во развој во рамките на мултилатералниот трговски систем“.
Кинеската објава, рече таа, „испраќа силен сигнал на поддршка за реформата на СТО и ќе помогне да се создаде поправично поле за сите членки“.