Сиљановска - Давкова: Гутереш целосно не поддржува, на Калас и укажав на двојните стандарди на ЕУ

Македонската претседателка Гордана Сиљановска – Давкова и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на 80.Сесија на Генералното собрание на ОН, Њујорк, 24 септември 2025 година

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изрази целосна солидарност со нас и целосна поддршка за нашите демократски чекори, особено за способноста за менаџирање на меѓуетничките односи, изјави претседателката Гордана Сиљановска – Давкова по средбата со Гутереш, што се одржа синоќа (по македонско време) во Њујорк, во рамки на учеството на 80.Сесија на Генералното собрание на ОН.

„Тој рече дека стои зад нас и дека ова секаде ќе го повторува. Се разбира добро е да чуете ваков став и да добиете поддршка од првиот човек на Обединетите Нации заради неговото богато дипломатско искуство во кое и ние сме биле вклучени како земја која што кога имала проблеми се нашла на дневниот ред на неговата агенда“, истакна претседателката Сиљановска - Давкова.

Сиљановска-Давкова му се заблагодарила на Генералниот секретар на ОН за безрезервната поддршка на македонскиот пат кон ЕУ и за неговата позиција за потребата од забрзување на евроинтегративниот процес.

Како што јави известувачот на МИА, по средбата со Гутереш, претседателката присуствуваше на приемот за лидерите од Западен Балкан што го приреди високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, каде што повторно укажала на двојните стандарди што ги манифестира ЕУ, конкретно кога станува збор за мали држави.

Видете и ова: Калас од Скопје: Работиме на механизми за деблокада на евроинтегративниот процес

„Укажувам на ставање крај на двојните стандарди бидејќи тоа не е европски манир, не е европска пракса, не би требало да биде европска пракса. Значи, за мене е антиевропско однесување, но тоа постојано се практикува во Европската Унија“, рече Сиљановска – Давкова.

Таа додаде дека за овој проблем и укажала и на Калас, но и дека предупредила дека проблемот нема да застане на нас, дека веќе се наѕира и во поглед на Молдавија и Украина.

„Укажав и дека ЕУ не е само прашање на проширување туку дека влегување на Западен Балкан или реинтеграцијата на Западен Балкан во Европа, односно во моментот во ЕУ, каде што географски, историски и културно со векови припаѓала, ќе биде многу важен лек против безбедносните дилеми што веќе се наѕираат. На потег се тие“, истакна Сиљановска – Давкова.