Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека општина Струга има должност редовно да ја одржува и чисти депонијата, со цел да се спречат дополнителни еколошки и здравствени ризици и да се обезбеди минимален стандард на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Од министерството посочуваат дека остануваат достапни за поддршка во рамки на своите надлежности, но одговорноста за редовното управување и одржување на депонијата е законска обврска на локалната самоуправа, согласно Националниот план за управување со отпад 2021–2031 и регионалните планови.
„Во моментот се работи на воспоставување на регионален центар за обработка и систематизирање на отпад, кој ќе обезбеди трајно и системско решение за управување со отпадот во регионот. Сепак, додека овој центар не биде изграден и ставен во функција, општина Струга има должност редовно да ја одржува и исчисти постојната депонија, со цел да се спречат дополнителни еколошки и здравствени ризици и да се обезбеди минимален стандард на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, се наведува во соопштението од МЖСПП.
Видете и ова: Судот во Стразбур последна шанса за заштита на граѓаните од загадувањеПретходно, како што објави РСЕ, Македонското Здружение на млади правници поднесе тужба против три институции за загадувањето од депонијата во Струга. Македонските судови, и Основниот во Струга и Апелацискиот во Битола одговорија дека се ненадлежни.
Случајот стигна до Судот во Стразбур, кој во август ја прифати тужбата и можеби ќе ги натера домашните судови и институции да постапат за заштита на животната средина.