Листата на лекови ќе биде ревидирана два пати годишно и ќе имаме нови лекови, истакна денеска (24 септември) министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.
Тој најави набрзо ревидирање на листата и информираше дека ќе има нов информациски електронски модул наречен „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови”. Преку овој систем ќе се знаат датумите кога ќе одржуваат состаноци членовите на Комисијата за ревидирање на позитивната листа и кога ќе има нејзино проширување.
„Модулот овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот, кои што досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Со ова се постигнува значителен напредок во дигитализација на одделните процеси на стандардната оперативна процедура на уредената постапка“, истакна Алиу.
Видете и ова: Лекот „клексан“ ќе се подигнува со рецепт во аптекаМинистерот вели дека станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за Листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време.
Инаку од 16 септември лани, граѓаните од аптеките бесплатно ги земат новите девет лекови со кои беше проширена позитивната листа, по дури десет години од последното ажурирање, кога беше збогатена со само еден лек. На листата беа додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција.
Ставањето нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо, а често и од други држави.
Поради тоа што листата не беше ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваа застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.