Вучиќ и Рубио разговарале за зајакнување на односите меѓу Србија и САД

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ со државниот секретар на Соединетите Држави, Марк Рубио, 23 септември 2025 година

На официјалниот Инстаграм профил „Иднината на Србија“, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, објави дека имал важен и значаен разговор со државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) Марк Рубио.

Како што е наведено во соопштението, разговорот бил фокусиран на зајакнување на политичкиот дијалог меѓу Србија и САД, подобрување на економската соработка и заедничките безбедносни предизвици.

„Посебен акцент беше ставен на прашања од областа на економијата и трговијата, вклучувајќи го решавањето на американските царини, како и можностите за нови инвестиции, соработка во енергетиката и развој на нови технологии. Беа разгледани и перспективите што ги нуди механизмот за стратешки дијалог меѓу двете земји“, пишува во објавата на Инстаграм.

Видете и ова: Сенките на 90-тите, Вучиќ и повлекувањето на Западот

Вучиќ истакна дека Србија е посветена на зачувување на мирот и стабилноста како предуслов за понатамошен напредок и подобар живот за граѓаните. Тој им се заблагодари на САД за нивната улога во заштитата на безбедноста на српскиот народ во Косово, како и за нивниот придонес во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Тој, исто така, ја истакна важноста на американската поддршка на европскиот пат на Србија, наведувајќи дека полноправното членство во Европската Унија е една од стратешките цели на земјата.

„Отворен и искрен дијалог, заснован на меѓусебна доверба и почитување, е најдобриот начин за зајакнување на партнерството меѓу Србија и САД“, рече Вучиќ, додавајќи дека верува оти односите меѓу двете земји ќе добијат дополнителен импулс во иднина, во нивна заемна корист и во интерес на мирот, стабилноста и просперитетот.