Одлучната битка за задржување на најдобриот медицински кадар во македонските здравствени установи е нејефикасен здравствен процес за надминување на опасната криза на недостиг на кадар, нужен за подобрување на нарушеното здравје на нацијата.
Ова го изјави претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер на свеченото одбележување на 80-годишнината од постоењето на Македонското лекарско друштво, кое се одржа во Македонскиот народен театар.
„Ме боли егзодусот на најдобрите лекари и на другиот медицински персонал. Посакувам да ја препознаеме и да ја признаеме вашата извонредност. Посакувам да останете овде и да помогнете во нерамноправната битка за здрави граѓани и за здрава нација“, рече Сиљаноска-Давкова.
Според претседателката, здравјето не цвета во разорено и дезорганизирано општество, ниту во партизиран и политизиран здравствен систем во кој постои опасност да зацарува профитната логика, па здравствената услуга да се купува и продава, пациентите да не се третираат како личности, а некои лекари да ја заборават светата Хипократовата заклетва.
„Здрави граѓани се раѓаат и развивааат во здрави држави и здрави општества, во коишто болеста се превенира со здрав животен стил во здрава животна средина, со загарантирана здравствена и социјална заштита, со посебна грижа за децата и за семејството, но и со адекватен здравствен работен амбиент", рече таа.
Таа упати честитки по повод значајниот јубилеј и потсети дека улогата на Македонското лекарско друштво, како претходник на Медицинскиот факултет, зачетник на медицинската едукација и иницијатор и основач на Лекарската комора, е важен дел од историјата на здравствениот систем во државава.