Владата на Србија донесе одлука да ја зголеми минималната плата од 404 евра на 551 евро

Илустрација

Владата на Србија донесе одлука за зголемување на минималната плата на 64.554 динари (551 евро) од 1 јануари 2026 година, соопшти владината прес-служба по седницата на 11 септември.

Во однос на минималната плата во 2024 година, која изнесуваше 404 евра, ова би било зголемување од 36 отсто.

Во претходните денови, преговори за зголемување на минималната цена на трудот водеа претставници на Владата на Србија, репрезентативните синдикати, Обединетиот грански синдикат „Независност“, Сојузот на независни синдикати на Србија и Синдикатот на работодавачи.

Предлогот на владата беше минималната плата од 1 јануари 2026 година да изнесува 550 евра, синдикатите бараа 600 евра, додека работодавачите се залагаа истата да не биде повисока од 500 евра.

На последниот состанок, одржан на 9 септември, не беше постигнат договор за процентот на зголемување, па Владата ја донесе конечната одлука два дена подоцна.

Видете и ова: Инфлацијата и натаму го јаде стандардот

Новиот минимум е за 75 евра повисок од минималната потрошувачка кошничка пресметана за месец мај, што се најновите податоци објавени на интернет страницата на Министерството за внатрешна и надворешна трговија на Србија.

На почетокот на септември, Владата на Србија ги ограничи маржите на трговските синџири за околу 3.000 производи со цел да се ублажи влијанието врз зголемувањето на цените, првенствено на храната, врз семејниот буџет на српските граѓани.

Експертите, сепак, го оценија тој потег како маркетиншки трик без значајни и долгорочни ефекти врз куповната моќ на населението.