Шведска вети уште 7,5 милијарди долари воена поддршка за Украина

БЕЛГИЈА – Министерот за одбрана на Украина, Рустем Умеров (лево) и министерот за одбрана на Шведска, Пал Џонсон (десно), за време на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел, Белгија, 11 октомври 2023 година.

Шведска планира уште 70 милијарди круни (7,47 милијарди долари) за воена поддршка на Украина во текот на следните две години, изјави шведскиот министерот за одбрана Пал Џонсон, јави агенцијата Ројтерс.

Голем дел од трошоците ќе бидат распределени преку набавки управувани од шведската агенција за одбранбен материјал, на пример дополнителни артилериски системи „Арчер“, тип што веќе го користат украинските трупи во војната со Русија.

Џонсон на прес-конференција рече и дека, по сомневањето за упад со руски беспилотни летала во Полска на 10 септември, Шведска се солидаризирала со Полска и е подготвена да придонесе со воени средства доколку тоа ѝ е потребно на земјата.

Видете и ова: Нарушувањето на полскиот воздушен простор, го активира членот 4 од Договорот за НАТО

Полска, поддржана од авиони од сојузниците на НАТО, на 10 септември собори неколку сомнителни руски беспилотни летала во својот воздушен простор.

Москва негираше одговорност за инцидентот, а висок дипломат во Полска рече дека беспилотните летала дошле од правец на Украина. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините беспилотни летала извршиле голем напад врз воени објекти во западна Украина, но не планирале да погодат никакви цели во Полска.