Британскиот амбасадор во САД разрешен поради поврзаност со Епштајн

Американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот амбасадор Питер Манделсон, Вашингтон, САД, 8 мај 2025 година

Британскиот амбасадор во Соединетите Држави, Питер Манделсон, е разрешен поради неговите врски со покојниот американски сексуален престапник Џефри Епштајн, објави британското Министерство за надворешни работи во четврток (11 септември), само неколку дена пред официјалната посета на Доналд Трамп на Лондон.

Електронската пошта помеѓу 71-годишниот ветеран од Лабуристичката партија и американскиот финансиер кој, како осомничен за сексуална експлоатација на, претежно девојчиња, почина во притвор под сомнителни околности, беа откриени оваа недела, пишува АФП.

Овие е-пораки „покажуваат дека длабочината и ширината на односот на Манделсон со Епштајн значително се разликуваат од она што беше познато во времето на назначувањето“ на амбасадорот, соопшти Министерството за надворешни работи.

„Во светлината на ова, и од почит кон жртвите на злосторствата на Епштајн, тој е отстранет од позицијата како амбасадор, со непосреден ефект“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Трамп ги тужи Мардок и „Волстрит џурнал“ поради текстот за Епштајн, бара 10 милијарди долари отштета

Во САД се води политичка и правна битка околу поврзаноста на Трамп и други со трговијата со сексуални услуги, делумно со деца, што беше бизнис на финансиерот и филмски продуцент Епштајн (1953 - 2019), популарен во високите кругови.

Трамп негира постоење на список на клиенти на Епштајн, додека други тврдат дека властите го имаат и мора да го објават за да може истрагата да продолжи.