Германија ги оцени изјавите на Додик како навредливи и неприфатливи

Милорад Додик

Говорот на Милорад Додик во Москва на 9 септември повторно содржи неприфатливи и навредливи историски споредби. Ова е наведено во соопштението за медиумите на германската амбасада во Босна и Херцеговина на 11 септември, по средбата меѓу Додик и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва.

Додик поголемиот дел од своето обраќање до медиумите му го посвети на високиот претставник Кристијан Шмит.

„Високите претставници разрешија над 900 избрани претставници во Босна и Херцеговина, од кои две третини од Република Српска. Република Српска остана посветена на „буквата“ од Дејтонскиот договор, додека Западот го користеше таканаречениот дух на договорот. Со години имаме неименуван странец по име Шмит преку кого тие наметнуваат одлуки“, рече Додик.

Видете и ова: Лавров го поддржа Додик и го обвини Западот за кризата во БиХ

Од Германската амбасада ги повикаа „сите во Босна и Херцеговина да се дистанцираат од овој начин на изразување на г-дин Додик и да соработуваат со Меѓународната заедница на пристоен начин“.

Амбасадата потсетува дека високиот претставник Шмит беше номиниран од Германија, а избран од Управниот комитет на Советот за спроведување на мирот во целосна согласност со меѓународното право и релевантните резолуции на Советот за безбедност на ООН, почнувајќи од Резолуцијата 1031 (1995).

„Како последен орган за донесување обврзувачки одлуки за потребните мерки за спроведување на Дејтонскиот мировен договор, неговите овластувања произлегуваат од Анекс 10 од Општиот рамковен договор за мир (GFAP) и редовно се потврдуваат од Советот за безбедност на ООН од 1998 година, вклучително и Резолуцијата 1144. Уставниот суд на Босна и Херцеговина, исто така, експлицитно ги призна овластувањата на високиот претставник“, се вели во соопштението на Амбасадата.

Инаку, на средбата во Москва, Лавров и Додик, ги повторија своите претходни ставови дека „комплицираните односи во Босна и Херцеговина се резултат на грубо мешање на Западот во внатрешните работи на Босна и Херцеговина“.