Фон дер Лајен најави предлог за делумна суспензија на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Во годишното обраќање пред европратениците, познато како „Состојбата на Европската Унија“, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен најави дополнителни мерки против Израел како одговор на случувањата во Газа, вклучително и делумна суспензија на Договорот за асоцијација.

„Она што се случува во Газа ја потресе совеста на светот. Луѓе убиени додека молат за храна. Мајки кои држат безживотни бебиња. Овие слики се едноставно катастрофални. Затоа сакам да започнам со многу јасна порака. Гладот предизвикан од човекот никогаш не може да се користи како оружје. За доброто на децата, за доброто на човештвото ова мора да престане“, рече Фон дер Лајен.

Покрај директна помош за жителите на Газа, според Фон дер Лајен, Европа треба да направи повеќе и затоа Европската Комисија ќе предложи дополнителни мерки против Израел и покрај непостоењето на консензус меѓу земјите членки.

„Комисијата ќе направи се што може сама. Ќе ја замрзнеме нашата билатерална поддршка за Израел. Ќе ги запреме сите исплати, без тоа да влијаеме на нашата работа со израелското граѓанско општество или (Меморијаниот центар на Холокаусот) Јад Вашем. Ќе предложиме санкции за екстремистичките министри и за насилните доселеници. Исто така, ќе предложиме делумно суспендирање на Договорот за асоцијација за прашања поврзани со трговијата“, најави Фон дер Лајен.

Видете и ова: Израелската армија нареди евакуација на целиот град Газа пред копнената офанзива

Таа нагласи дека е свесна дека овие предлози за некого ќе биде премногу, за некого премалку, но Парламентот, Советот на ЕУ и Комисијата ќе мора да ги преземат своите одговорности за да се обебзеди мнозинство за поддршка на предлозите.

Шефицата на ЕК најави и формирање на „Донаторска група за Палестина“ следниот месец, вклучително и наменски инструмент за обнова на Газа.