Ангелов: Има сомнежи дека пожарот во Дрисла е подметнат

Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (фотоархива).

Постојат сомненија дека пожарот во скопската депонија Дрисла е предизвикан намерно, изјави вечерта на 9 септември директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Пожарот, според неговите тврдења, нема опасност да се прошири надвор од депонијата.

„Бригадата за противпожарна заштита Скопје со сите сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла, направени се противпожарни појаси за да не се дозволи огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата“, вели Ангелов.

Црниот чад од пожарот кој изби во попладневните часови можеше да се забележи од повеќе населби во Скопје.

Пожар во Дрисла, 9 септември 2025 г.

Ангелов претходно потенцираше дека гаснењето на која било депонија е сложен процес поради „хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови“.

Депонијата Дрисла се простира на површина од 76 хектари и во неа се врши третман на комунален отпад, градежен шут, индустриски и медицински отпад.

Видете и ова: Пожар во скопската депонија Дрисла

Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Градот Скопје, Звонко Томевски, информираше дека на терен се десет противпожарни возила, а била побарана и помош од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Од таму пратиле две цистерни за дотур на вода и од нив директно на самата локација се дополнуваат противпожарните возила.

Бил побаран и авион на ДЗС, но немало услови да се интервенира од воздух.

„Станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, имаше опасност да се зафати околната борова шума која е во близина на депонијата и да се предизвика дополнително шумски пожар којшто можеше да загрози понатаму и објекти кои се во близина“, додаде командантот на скопските пожарникари.

Видете и ова: Вардариште - каблите повторно во пламен, институциите 30 години не реагираат

Сепак, неговите очекувања се дека за брзо пожарот ќе биде изгаснат.

Дрисла е лоцирана во југоисточниот дел од територијата на Град Скопје и е оддалечена 14 километри од центарот на градот.