Судот во Баку ја потврди 9-годишната казна затвор за новинарот на РСЕ

Фарид Мехрализада, економист и новинар на РСЕ (илустрација).

Суд во Азербејџан ја потврди деветгодишната затворска казна изречена на новинарот и економист Фарид Мехрализада по обвиненијата за кои тој вели дека се директно предизвикани од неговото критичко известување за азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

На 9 септември, судот ги отфрли жалбите за пресудите против Мехрализада и шест други новинари од кои сите негираа каква било вина за кривичните дела што им се ставаат на товар. На групата новинари првично им беа изречени казни помеѓу 7 и пол и девет години на 20 јуни.

„Остро ја осудуваме одлуката на судот да ја потврди неправедната и неоснована казна за Фарид. Денес требаше да го одбележиме враќањето на Фарид кај сопругата и бебето. Наместо тоа, тој останува зад решетки, лишен од правдата што ја заслужува“, изјави претседателот и главен извршен директор на Радио Слободна Европа, Стив Капус, по објавувањето на соопштението од судот.

Мехрализада првпат беше приведен на 30 мај 2024 година, кога безбедносните агенти го фатија, му ставија качулка на главата и шепотејќи му на уво, му порачаа: „Премногу зборуваш“.

Видете и ова: Во Баку, новинар на РСЕ е осуден на 9 години затвор во случај што се смета за политички мотивиран

Два дена подоцна, судот во Баку го смести Мехрализада во притвор за „заговор за шверц на девизи“ во врска со случајот што азербејџанските власти го покренаа против „Абзас Медиа“.

Веднаш по апсењето, „Абзас Медиа“ излезе со соопштение во кое тврдеше дека Мехрализада нема директна врска со медиумот и оти е еден од многуте експерти чии коментари биле пренесувани на нивната веб-страница.

Основачот на „Абзас“, Улви Хасанли и главниот уредник, Севињ Абасова, исто така, беа осудени на по девет години затвор на 20 јуни.

Уште еден вработен во „Абзас“, Махамад Кекалов, беше осуден на 7 и пол години, додека уредникот на информативната агенција Туран, Хафиз Бабали, доби девет години. Новинарките Наргиз Абсаламова и Елнара Гасимова беа осудени на по осум години затвор.

За време на судењето, Мехрализада внимателно ги раскажуваше околностите под кои бил уапсен како доказ дека случајот е политички мотивиран поради неговите „критички мислења во врска со социјалните и економските политики во Азербејџан“.

Економските анализи на Мехрализада често ја критикуваа зависноста на Азербејџан од нафта и гас и ги доведуваа во прашање официјалните статистики за невработеност и сиромаштија.

Тој првично беше обвинет за шверц, но потоа обвинението беше проширено вклучително и со обвиненија за нелегално претприемништво, даночно затајување и фалсификување документи – обвинувања што тој и неговите поддржувачи ги карактеризираа како измислени и дополнителни докази за тоа дека зад случајот стојат политички сили.

Видете и ова: Новинар на РСЕ, една година во затвор во Азербејџан, сведочи за атакот врз независните медиуми

Тренд на потиснување на неистомислениците

Откако ја презеде власта кратко пред смртта на неговиот претходник и татко, Хејдар Алиев, во 2003 година, претседателот на Азербејџан Илхам Алиев се соочи со обвинувања за потиснување на неистомислениците со притворање новинари, опозициски личности и активисти на граѓанското општество.

Се чини дека овој тренд се забрза неодамна, со апсење на повеќе од 30 новинари и борци за човекови права кои се гонат по слични обвиненија, а коишто меѓународните институции ги сметаат за политички мотивирани.

Сепак, азербејџанските власти постојано ги негираат овие критики. За случајот на Мехрализада и другите неодамна приведени лица, Владата инсистира на тоа дека апсењата произлегуваат од конкретни кривични дела, а не од политичка одмазда.