Руски напад во источниот украински регион Донецк уби најмалку 20 лица, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи, на 9 септември.
Москва го прогласи индустрискиот регион за дел од Русија и покрај тоа што нема целосна контрола врз него, а Киев вели дека Кремљ распоредил 100.000 војници на клучен дел од фронтовската линија за нова офанзива.
„Брутално дивјачки руски воздушен напад со воздушна бомба врз руралната населба Јарова во регионот Донецк. Директно врз луѓе. Обични цивили. Во истиот момент кога се исплаќаа пензиите“, напиша Зеленски во својата објава.
„Според прелиминарните информации, повеќе од 20 лица се убиени“, додаде украинскиот лидер.
Гувернерот на регионот Донецк изјави дека 21 лице е убиено и дека исто толку луѓе се ранети.
Видете и ова: Најголем руски напад врз Киев до сега, прв пат погодена зградата на ВладатаЗеленски објави аматерско видео од местото на настанот на кое се гледаат трупови расфрлани по земјата и изгорено мини-комбе во близина на игралиште, со лични работи, документи и чевли расфрлани насекаде.
АФП не можеше независно да ги потврди сликите објавени од украинските власти.
Јарова, која се наоѓа на приближно осум километри (речиси пет милји) од линијата на фронтот, имала предвоена популација од околу 1900 луѓе.
Зеленски ги повика сојузниците на Украина да одговорат на нападот.
„Потребен е одговор од Соединетите Држави. Потребен е одговор од Европа. Потребен е одговор од Г20. Потребни се силни акции за да се натера Русија да престане да носи смрт“, додаде Зеленски.
Русија ја почна целосната инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.