Вкупно осумнаесет лица се примени синоќа во кочанската Општа болница со повреди здобиени во пожарот што избувна вчера доцна попладне во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ во Виница. Дел се задржани во Кочани, дел од нив се препратени на клиниките во Скопје, но сите се во стабилна состојба, изјави за МИА, д-р Оливера Цимбаљевиќ, анестезиолог, раководител на одделението за анестезиологија и реанимација во кочанската Општа болница.
„Петмина од нив се наоѓаат на хирургија, од нив четворица се со изгореници на нозете од прв и втор степен. Петтиот што е задржан на хируруршкото одделение е со инхалациони (токсиколошки) повреди. Други петмина повредени во пожарот во „Макпрогрес“ се згрижени на интерното одделение во Општата болница во Кочани. Сите се со инхалациони повреди (вдишување чад), односно со токсиколошки наод. Шест други лица веднаш се препратени на Клиника во Скопје, сите затруени со чад од огнот. Преостанатите заминале после укажаната лекарска интервенција“, вели д-р Цимбаљевиќ.
Таа не можеше да прецизира колку од нив се пожарникари, а колку се вработени во „Макпрогрес“.
Сите примени во Болницата во Кочани се во стабилна состојба, потенцира д-р Цимбаљевиќ.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, опожарени биле „три линии“, а од утрово пожарот е ставен под контрола изјави .
„Опожарени се три линии означени како 6, 7 и 8 (од кои два магацини), сите имале сончеви панели на покривот. Спасени се линиите од 1 до 5. Пожарот е под целосна контрола. Во гаснењето учествуваа пожарникари од ТППЕ Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес, наведува Ангелов.
Видете и ова: Вардариште - каблите повторно во пламен, институциите 30 години не реагираатАнгелов објаснува како неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.
„При обидот да ги одглават стопалата чизмите им останале во стопениот шеќер и згазнале во стопената смеса, појаснува Ангелов.
Пожарот во фабриката за слатки производи и вафли во Виница избувна вчера вечер во 18:40 часот, во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. На видео снимките објавени на социјалнтие мрежи можеше да се види силен оган и густ чад како се издига од фабриката „Макпрогрес“ позната по производите „Винчини“.
Стопанската комора на Северна Македонија најави дека ќе формира кризен штаб со сопственикот на фабриката со цел целосно нормализирање на состојбите, изразувајќи при тоа жалење за претрпената штета на компанијата, нивна членка.
„Вчеравечер околу 19.20 часот, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески беше известeн од сопственикот на Макпрогрес Виница, Глигор Цветанов, дека во фабриката има пожар. Веднаш беше алармирана Владата, премиерот, како и вицепремиерот и министер за транспорт, кои ги дадоа потребните наредби за спасување на целокупната фабрика, но и покрај интензивните активности, мора да се констатира дека три клучни погони се целосно уништетни“, се наведува во соопштението.
Видете и ова: Повредените од пожарот во Кочани повторно ќе добијат компресивна облека обезбедена со донацииСпоред комората овој настан ќе остави длабока трага врз работењето на нивната членка која вработува околу 500 работници.
Пожарот направи голема штетата на фирмата „Макпрогрес Винчини“, која е и најголемиот стопански објект во оваа мала општина. Основана е пред 35 години, работи во кондиторско-пекарската индустрија и 75% од производството го извезува и тоа во 45 држави.