Голем пожар во Виница во фабрика за вафли

Колаж фотографии на МИА од пожарот во виничката фабрика, 6 септември 2025

Голем пожар избувна вечерва во фабриката „Макпрогрес“ во Виница. На терен интервенираат пожарникари од Виница и Кочани, а беше побарана помош и од противпожарните единици од соседните општини.

Со огнот е зафатен еден погон информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, а според Министерството за внатрешни работи, според досегашните информациите, нема повредени лица.

На социјалнтие мрежи се објавени видео снимки од кои може да се види силен оган и густ чад како се издига од фабриката попозната по производите „Винчини“, а многубројни противпожарни екипи се на самото место и се обидуваат да се справат со пожарот.

Присутни се и припадници на Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани, а според Ангелов, на пожарот територијалните противпожарни единици на Виница и Кочани се обидуваат да спречат огнот да се прошири кон останатите погони.
„На помош се тргнати и пожарникари од Свети Николе, Струмица и Пробиштип“, информира директорот на ДЗС.

Видете и ова: Вардариште - каблите повторно во пламен, институциите 30 години не реагираат

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека пожарот е пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
„Денес, во 18:40 часот, во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112 е добиена пријава за пожар во фабриката за кандирани производи и вафли ‘Винчини’ во Виница“, велат од ЦУК.
Од ЦУК велат дека за градоначалникот на Виница, Миле Петков, е дадена насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.

„Поддршка е побарана и од Општина Македонска Каменица и Штип. Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини. Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари“,вели директорот на ЦУК, Мухамед Али.

Пожарот, како што информираат оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.