Агенција на ОН: Поштенскиот сообраќај кон САД е намален за повеќе од 80 проценти

Илустрација

Поштенскиот сообраќај кон САД е намален за повеќе од 80 проценти откако Вашингтон воведе нови тарифи, додека 88 оператори низ целиот свет целосно или делумно ги суспендираа услугите, соопшти Светскиот поштенски сојуз во саботата, пишува агенцијата АФП.

Агенцијата на Обединетите нации за поштенска соработка, работи на „брз развој на ново техничко решение што ќе помогне поштата повторно да оди во САД“, изјави нејзиниот генерален директор Масахико Метоки во соопштението.

Видете и ова: Американската Апелација пресуди, царините на Трамп се нелегални

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави на крајот на јули дека ги откажува даночните ослободувања за мали пакети што влегуваат во САД од 29 август.

Овој потег предизвика серија најави од поштенските служби, вклучувајќи ги и оние во Австралија, Велика Британија, Франција, Германија, Индија, Италија и Јапонија, дека повеќето пакети наменети за САД повеќе нема да бидат прифаќани.

Светскиот поштенски сојуз соопшти дека податоците споделени меѓу поштенските оператори преку неговата електронска мрежа покажуваат дека сообраќајот кон САД е намален за 81 процент на 29 август, во споредба со претходната недела.

„Дополнително, 88 поштенски оператори го известија Светскиот поштенски сојуз дека ги суспендирале некои или сите поштенски услуги кон САД додека не се најде решение“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Трамп се закани со „економска војна“ доколку Русија одбие да се придвижи кон мир

Меѓу нив се германската компанија Дојче Пост (Deutsche Post), британската Кралска пошта (Royal Mail) и два оператори во Босна и Херцеговина.

Светскиот поштенски сојуз, со седиште во швајцарскиот главен град Берн, е основан во 1874 година и има 192 земји-членки. Тој поставува правила за меѓународна размена на пошта и дава препораки за подобрување на услугите.