Пентагон соопшти дека два венецуелски воени авиони прелетале блиску до американски воен брод во меѓународни води на 4 септември, нарекувајќи го тоа „екстремно провокативен потег“.
Објавата означува нова ескалација на тензиите што се зголемија поради распоредувањето на американски бродови во Карибите.
„Силно му советуваме на картелот што ја води Венецуела да не презема никакви понатамошни обиди за нарушување или мешање во операциите против наркотици и тероризам што ги спроведува американската војска“, соопшти Министерството за одбрана на САД во соопштение на платформата X.
Вашингтон распореди воени бродови јужно од Карибите, додека тензиите се зголемија меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и венецуелскиот лидер Николас Мадуро, кого САД го обвинуваат за водење на нарко картел.
Во вторник, американските сили нападнаа брод за кој се сомневаше дека превезува дрога во Карибите. Според Трамп, бродот ѝ припаѓал на организацијата Трен де Арагва, која САД ја ставија на списокот на терористички организации, а која американскиот претседател ја поврзува со Мадуро. Како резултат на тој напад, Трамп рече дека се убиени 11 лица.
Видете и ова: Трамп бара од Мадуро безусловно да ги прифати депортираните ВенецуелциДржавниот секретар на САД, Марко Рубио, за време на посетата на Латинска Америка, го бранеше пристапот на САД.
„Сега тие ќе ни помогнат да ги пронајдеме овие луѓе и ние ќе ги нападнеме, ако тоа е единствениот начин“, рече Рубио за време на посетата на Кито, Еквадор на 4 септември.
Еден ден претходно, на 3 септември, за време на посетата на Мексико, американскиот шеф на дипломатијата изјави:
„Тие картели знаат дека ќе изгубат два проценти од својата стока. Она што ќе ги запре е ако ги нападнеме, ако ги уништиме.“
Во Мексико, Рубио нагласи дека Трамп ги прогласил венецуелските групи Трен де Арагва и Картел де лос Солес за „наркотерористички организации“.
„Ако сте на брод полн со кокаин или фентанил што се упатува кон Соединетите Држави, вие сте директна закана за Соединетите Држави“, рече Рубио.
По американскиот напад врз бродот, Мадуро одговори со мобилизација на венецуелската армија, која брои околу 340.000 војници, како и резервисти, за кои тврди дека се повеќе од 8 милиони, осудувајќи го она што го нарече „најголемата закана што нашиот континент ја видел во последните 100 години“.