Обвинет во „Синдром“ почина во притвор

Илустрација

Притвореник почина вчера во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, информираа на 31 август од Министерството за внатрешни работи. Притвореникот бил еден од 36 те обвинетите во предметот „Синдром“ што се однесува на злоупотреби и поткуп при издавање инвалидски пензии и туѓа нега. Тој од април годинава се наоѓаше во притвор во затворот во Шуто Оризари.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ, роднина на починатиот, на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека починатиот притвореник, кој изминатите пет месеци бил во притвор, не добивал терапија соодветна на неговата здравствена состојба.

„Човек кој има сериозни дијагнози можел и дома да почине, но тој требало да прима секојдневна терапија. Вие ги знаете условите во затворите, таму нема основни услови за секојдневен живот а најмалку да примаат терапии какви што требало да ги прима 24/7 човек со ваква дијагноза“, напиша Алиспахиќ.

Од Кривичниот суд велат дека имале информации за повеќе дијагнози, но не и за канцер.

„При сослушување, ниту обвинетиот лчно ниту преку бранителот известиле дела боледува од рак. За време на издржувањето на мерката притвор од страна на судот редовно и навремено истиот е спроведуван на сите потребни медицински прегледи.
Веќе определената мерка судот може да ја промени по предлог на странките, а бранителот на обвинетиот таков предлог поднесе во петокот на 29 август“, се вели во соопштението од Судот.

Во него е наведено дека постапката за одлучување била во тек. Во соопштението е наведено дека Судот изразува длабоко жалење за загубата на човечкиот живот.