Невремето кое го зафати Скопје вчера попладнето, проследено со силен ветер, предизвика материјална штета во градот, а дополнително се случија и пожари на неколку локации.
Запалената сува трева во близина на спортскиот комплекс „Борис Трајковски“ предизвика евакуација на учесници и гледачи на ракометен турнир, а деветмина полицајци, кои заедно со пожарникарите учествувале во гаснењето на пожарот, завршиле на Токсикологија откако вдишале чад.
Од Центарот за управување со кризи велат дека на бројот за итни повици 112 имало над 50 пријави во кои беа пријавени паднати дрвја, скинати кабли на ЕВН и оштетување на моторни возила, настрешници и друга приватна сопственост.
Видете и ова: Невреме во Скопје: паднати покриви, оштетени возила и пожариСпоред пријавите низ градот паднале 31 дрво, а дополнително граѓаните пријавиле навалени дрвја кои претставуваат опасност за пешаците и возачите. Во повеќе населби заради силниот ветер, паднале и неколку бандери, а имало и случаи на искрење, паднати кабли и опасност од пожар.
Последното невреме истакна уште еден проблем со кој се соочуваат жителите на главниот град, а тоа се небезбедните градилишта. Пријавен е и случај на оштетена куќа од паднат кров од зграда во изградба.